Хоџај: демаркацијата ќе ја потврди нашата сериозност

Шефот на косовската дипломатија Енвер Хоџај изјави дека дадениот глас на пратениците во Парламентот за ратификација на спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора, ќе биде глас кој ја потврдува сериозноста на државата. Нема враќање назад и потребно е во овој процес да се однесуваме како сериозна држава. Заокружувањето на прашањето за обележување на границата за нас, како млада држава, претставува акт на комплетирање на државноста и сувереноста на Косово, изјави Хоџај. Според него, заокружувањето на овој процес ќе придонесе оваа гранична линија да биде обележана како меѓународна граница и со тоа ќе биде забележана на картата на ООН.

Црна Гора нема територијални претензии кон Косово. Член два од предлог- законот на јасен начин кажува дека доколку има нови законски факти оваа спогодба може да се смени во согласност со страните, додаде Хоџај. Тој нагласи дека врз основа на наодите направени од Комисијата за демаркација произлегува дека во согласност со меѓународните стандарди обележувањето на границата е еден регуларен процес во кој Косово не губи ни километар од својата територија.