Средба Путин - Ердоган

Денеска во Санкт Петерсбург ќе се сретнат претседателите на Русија и на Турција Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган. Пред средбата, Ердоган изјави дека сака да ги обнови врските со Русија и да ја „ресетира“ соработката во неколку сектори. Ќе биде отворена нова страница во руско-турските односи. Оваа страница ќе ги опфати воената, економската и културната соработка, рече Ердоган во интервјуто за ТАСС.

Според најавите од Москва, на средбата Путин-Ердоган ќе стане збор за укинување на руското ембарго за увоз на турски стоки и на чартер летови, за возобновување на проектот „Турски поток“, за кризата во Сирија, за борбата против тероризмот, како и за „други регионални и меѓународни теми“.

Советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков деновиве најави дека на средбата во Санкт Петербург нема да биде потпишан никкаов договор, но самиот чин што Ердоган реши првата земја што ќе ја посети по обидот за преврат да биде токму Русија, говори за значењето што Анкара им го придава на односите со Москва.

Денешната средба се очекува да претставува нов чекор кон затоплување на односите меѓу двете земји, по нивното драстично влошување лани во ноември, кога турските сили урнаа руски воен авион над границата со Сирија. Ова е прва посета на Ердоган на една странска земја по обидот за воен удар на 15 јули.