Косовскиот премиер се радува за олимпиското злато

Премиерот на Косово, Иса Мустафа, ја пофали натпреварувачката во џудо, Мајлинда Кељменди, која освои златен медал и го донесе првото олимписко злато на Косово.

„Она што многу земји не успеаја да постигнат во последните неколку децении... нашето сакано Косово, со нашата брилијантна хероина Мајлинда Кељменди, успеа да го направи на нашата прва Олимпијада“, напиша денеска Мустафа на својот Фејсбук профил.

Кељменди која има 25 години победи во категоријата до 52 килограми, совладувајќи ја Одета Џифрида од Италија. Косово годинава дебитира на Олимписки игри по осум години од својата независност.