Австриски партиски лидер го спореди пучот во Турција со палењето на Рајхстагот

Неуспешниот обид за преврат во Турција и последователните чистки спроведени од претседателот Реџеп Таип Ердоган во државните институции потсетуваат на пожарот во Рајхстагот во нацистичка Германија и како потоа Хитлер тоа го употреби за да акумулира поголема моќ, изјави шефот на десничарската Австриска партија на слободата Хајнц-Кристијан Штрахе.

Пожарот во зградата на германскиот парламент во 1933 година беше опишан од нацистите како комунистички заговор против владата и беше користен за намалување на граѓанските слободи и зајакнување на власта на Адолф Хитлер.

Хајнц-Кристијан Штрахе изјави дека гледа сличности со начинот на кој Ердоган го користи обидот за преврат на 15 јули за пресметка со противниците во армијата, државните служби, академската заедница и медиумите.

„Човек речиси добива впечаток дека тоа беше управуван пуч, кој на крајот ќе ја направи можна претседателска диктатура на Ердоган“, вели Штрахе во интервју за весникот „Пресе“.