Јункер: Грешка ако се прекинат преговорите со Турција

Евентуално прекинување на преговорите за членство на Турција во ЕУ би претставувало голема надворешно-политичка грешка, изјави денеска претседателот на Европската комисија. Жан-Клод Јункер во интервју за германската телевизија АРД.

„Ако во овој момент во Турција преовлада впечатокот дека, независно од состојбите, ЕУ не е подготвена да ја прими (во членство), тоа според мене, ќе претставува голема надворешно-политичка грешка“, рече Јункер во интервјуто.

Претходно денеска и портпаролката на Европската комисија, Мина Андреева, изјави дека дека Турција го задржува кандидатскиот статус за членство во ЕУ, додавајќи дека земјата треба да се придржува кон вредностите на ЕУ.

Ваквите реакции на Европската комисија и на нејзиниот претседател уследија откако Австрија повика за прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ, поради „недоволна демократија во земјата по неуспешниот обид за пуч“.