Украинската пилотка Савченко ќе штрајкува со глад

Украинската пилотка, а сега пратеничка Надја Савченко, која помина речиси две години во руски затвор, изјави дека ќе штрајкува со глад за поддршка на украинските воени затвореници. Таа рече дека ќе почне да штрајкува за да им упати порака на властите во целиот свет дека не се активни по прашањето за ослободување на Украинците кои се во заробеништво. Савченко вели дека ќе штрајкува со глад се додека не добие позитивни резултати. Таа беше избрана за пратеничка додека беше во затвор во Русија. Руските власти ја уапсија во јуни 2014 и ја обвинија дека е виновна за убиството на дваца руски новинари кои известувале од конфликтот во источна Украина. По речиси две години затвор беше пуштена како дел од размена на затвореници. Таа повикува да продолжи размената на затвореници, како и да продолжат мировните преговори за ставање крај на конфликтот во источниот дел од Украина.