Експлозија пред Канцеларија за бегалци во Германија

Илустрација

Германското Баварско радио објави дека имало експлозија во близина на Канцеларијата за регистрирање бегалци во градот Цирндорф во близина на Нирнберг во германската сојузната држава Баварија. Засега нема информации за жртви. Полицијата соопшти дека во тек е безбедносна операција во градот.

На денешната експлозија ѝ претходеа три брутални напади во Баварија, која се наоѓа на југот на Германија и е порта за илјадниците бегалци кои пристигнаа во земјата како резултат на либералната политика за азил на канцеларката Ангела Меркел.

На 24 јули, 27-годишен бомбаш-самоубиец од Сирија, чие барање за азил било одбиено, се разнесе откако не му било дозволено да влезе на музички фестивал. Во нападот, за кој одговорноста ја презеде Исламската држава, беа ранети 15 луѓе.

На 22 јули, девет луѓе беа убиени откако 18-годишен Германец со иранско потекло почна да пука кон луѓето во трговски центар во Минхен, по што веројатно се самоубил.

На 18 јули, 17-годишен барател на азил, за кој се претпоставува дека е од Авганистан или од Пакистан, беше убиен од полицијата откако повреди неколку патници со секира и со нож во воз во јужна Германија.