Приштина: Неприфатливо е турското барање за казнување новинар

Косово го одби барањето на Турција за казнување на познатиот новинар Берит Бужала, поради сатирични коментари за неуспешниот воен удар во Турција.

Косовскиот министер за надворешни работи, Енвер Хоџбај денеска изјави дека вербалната нота на турската амбасада во Приштина со која се бара преземање санкции против новинарот е „невообичаена и неприфатлива“. Во интервју за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, Хоџбај вели дека се надева оти „недоразбирањата ќе бидат надминати“.

Хоџбај додава дека Косово ги почитува слободата на изразување, слободата на печатот и мислењето и смета оти она што го напишал Бужала во врска со обидот за преврат во Турција е „со саркастична содржина и без политички цели“.

„Иако Косово е една една млада и мала држава, сепак има потреба да го чува престижот, гордоста и меѓународниот кредибилитет, да ги штити интересите на своите граѓани, како што е определена да ги зачува добрите односи со пријателските земји“, изјави Хоџај за Радио Слободна Европа.

За време на обидот за воен удар, новинарот Берат Бужала, на Фејсбук напиша: „Ги повикувам граѓаните на Република Косово кои се на одмор во Турција да направат сојуз со армијата. Ова е најсериозниот воен удар од пристигнувањето на Фејсбук“, напиша Бужала и го заврши својот коментар со емотикон кој треба да алудира дека се работи за шега.

Сепак, на 20 јули, турската амбасада во Приштина испрати нота до косовското Министерство за надворешни работи, со кое бара санкции за новинарот поради неговите коментари. Немаше јавна реакција од новинарот, но косовското здружение на новинари го осуди барањето како неприфатливо и скандалозно. Здружението побара затворање на амбасадата. Во април годинава, Турција го повика официјален Берлин да преземе постапки против германски комичар поради песна за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, која според официјална Анкара е навредлива. Турција во изминатите години е под критики поради ограничување на слободата на медиуми.