ОБСЕ бара Турција да ја почитува слободата на медиумите

Масовното одземање лиценца за емитување програма, покренувањето кривични истраги, отпуштањето на стотици новинари во државната телевизија и блокирањето сајтови се најновите и сериозни предизивици за слободата на изразување и слободата на медиумите во Турција, изјави денеска претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ.

„Демократски избраните Влади мораат да бидат заштитени, но за возврат мораат да ја штитат слободата на медиумите и да ја поддржуваат улогата, која новинарите ја имаат во обезбедувањето и јакнењето на демократијата“, рече Мијатовиќ.

Таа нагласи дека со целосно признание за тешките времиња низ кои минува Туција, властите мораат да обезбедат слобода на медиумите, како на Интернет, така и надвор од него, во согласност со своите меѓународни обврски.

Врховниот совет на Турција за радио и телевизија на 19 јули одзеде лиценца на радио и телевизиски станици, а Канцеларијата на јавниот обвинител во Анкара покрена истрага против 370 членови на персоналот на државната станица ТРТ, поради наводна нивна поврзаност со движењето на муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен.

Мијатовиќ изрази загриженост и поради се поголемиот број блокирани сајтови во Турција.

Изминатите денови се блокирани десетици интерент страници поради сомнение дека ја загрозуваат националната безбедност и јавниот ред, а денеска повеќе од 112 илјади сајтови се блокирани во таа земја.

Мијатовиќ исто така изрази загриженост и поради смртните закани на социјалните мрежи против новинарите кои ја критикуваат власта и го истакна значењето на безбедноста на медиумите.