Турските професори не смеат да ја напуштат земјата

Турските власти им забранија на универзитетските професори да патуваат во странство како мерка по обидот за воен удар во земјата. Советот за високо образование во земјата издаде соопштение дека забраната важи од денеска се додека не решат поинаку. Вчера властите побараа 1.577 декани и професори да бидат отпуштени од работа, а околу 21 илјада наставници кои работат во приватни институции беа прогласени за неспособни за работа.

Во меѓувреме турската Агенција за телекомуникации го забрани пристапот до интернет страницата на Викиликс еден ден откако тие објавија илјадници документи поврзани со владејачката партија на Правдата и развојот. Викиликс објави електронска пошта за која тврдат дека ја добиле пред обидот за воен удар, но решиле да ја објават сега како одговор на „чистките“ на турските власти. Околу 50 илјади војници, полицајци, судии, државни службеници и наставници беа отпуштени или приведени како одговор на обидот за државен удар.