Стопанска комора: Граѓаните да не стравуваат да летуваат во Турција

Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) тврди дека нема проблеми со безбедноста во хотелите во Турција и дека македонските граѓани кои планираат летување таму не треба да стравуваат од новонастаната ситуација.

Претседателот на СКТМ Ѓорѓи Вчков на прес-конференција рече дека контактирале со туроператорите и туристичките агенции, со туристите кои се во моментов на летување во Турција и со претставници на хотелските комплекси.

Според податоци од агенциите, во моментов има околу илјада македонски туристи во летувалиштата во Турција.

- Сите туристи се здрави, и контактирани од туристичките агенции. Си го поминуваат одморот, одат на плажа и се безбедни, пред се. Дел од нив се враќаат вечерва, дел од нив утре, има различни аранжмани, изјави Андреј Сирачевски од АСА-тур.

Од хотелите биле известени дека уште во претсезоната покрај редовно имале и вонредно обезбедување од приватни агенции.
Од агенциите рекоа дека за оние што не сакаат да отпатуваат, тогаш ќе важат општите услови за патување содржани во договорот што го склучиле со туристичката агенција, бидејќи засега МНР нема препораки.