ОН загрижени за бегалците во Унгарија

Високиот комесаријат за бегалци на ОН-УНХЦР денеска изрази загриженост поради новиот унгарски рестриктивен закон, по се почестите пријави за насилство врз мигрантите и информациите за влошување на ситуација на границата со Србија. Во соопштението се наведува дека бројот на бегалци и мигранти на границата меѓу Србија и Унгарија надминал 1.400.

Со новиот унгарски закон граничната контрола се проширува во зона од осум километри на внатре, на унгарска територија, и на полицијата и се дозволува да пресретнува луѓе во оваа зона и да ги враќа од другата страна на оградата, кон некоја транзитна зона долж границата, за таму да поднесат молба за азил.