Телеграми со сочувство од Иванов и партиите по нападот во Ница

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Ница, упати телеграма со сочувство до францускиот претседател, Франсоа Оланд. Република Македонија, како што истакнува Иванов, остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Француската Република во борбата против тероризмот.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до француската амбасадорката во Македонија Лоренс Оер изрази жалење и сочувство до сите повредени и до семејствата на загинатите во вчерашниот терористички напад во францускиот град Ница.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев упатил телеграма со сочувство до францускиот претседател Франсоа Оланд, премиерот Мануел Валс и до граѓаните на Република Франција, во свое име и во име на СДСМ.

Нема информации за повредени или загинати македонски државјани во терористичкиот напад во Ница, Франција. Во постојан контакт сме со надлежните француски институции, информираат за МИА од Министерството за надворешни работи на Република Македонија. МНР изразува длабоко сочувство до семејствата на сите загинати и повредени во терористичките напади во Ница, како и најостра осуда на овие напади.