Преседавачот со ЕУ: да се решат кризата и спорот за името

Словачка ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија, но потребно е да се надмине политичката криза и да се реши спорот за името, а тоа мора сами да го сторите, истакна словачкиот амбасадор Мартин Безак, кој пред членовите на Комисијата за европски прашања ги презентира приоритетите на словачкото претседавање со Советот на Европската унија.

Евроинтеграцијата на вашата држава ќе зависи најмногу од развојот на вашата политичка и институционална рамка, рече тој. Словачкото претседателство секако ќе ги поддржува напорите на вашата држава да излезете од оваа криза, но не може да ја реши политичката криза ниту билатералниот спор со Атина. Искрено се надеваме дека ќе има политичка согласност во вашата држава за новата иднина за имплементирање на Договорот од Пржино и за спроведување демократски и фер избори кои ќе ви помогнат да зачекорите кон европската иднина, рече амбасадорот Безак.