Груевски негира дека се бира негов наследник

Архивска фотографија.

Никола Груевски нема да се повлече од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и не се бира нов претседател на партијата, одговори лидерот на владејачката партија на новинарите. Тој одговори само „не“ на прашањето дали си заминува од лидерската позиција и со „не, не се бира“ како одговор дали има избори за нов лидер на партијата. Груевски не застана да им даде изјава на новинарите кои го чекаа пред Порта Македонија, каде Груевски се среќаваше со неколку градоначалници.

И ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги демантира пишувањата на, како што наведуваат, медиумите под контрола на СДСМ-Сорос за наводна смена во врвот на партијата.

„Претседателот Никола Груевски ја има целосната доверба на партиските структури. Во моментов тој е политичар со убедливо највисок рејтинг и најголема доверба меѓу народот“, стои во соопштението.