СДСМ бара одговори од КХВ за еврообврзницата

СДСМ денеска преку соопштение побара од Комисијата за хартии од вредност да одговори на која седница на дневен ред било издавањето на нова еврообврзница, дали на истата седница се расправало и за износот на задолжувањето и какви ингеренции има Комисијата за хартии од вредност по однос на Законот за јавен долг.

Ова следува по вчерашното соопштение на Министерството за финансии во кое како што нагласуваат од опозицијата министерството тврди дека износот од 650 милиони евра е утврден преку Државната комисија за хартии од вредност.

Од Министерството за финансии и денеска соопштија дека еврообврзницата се издава во согласност со Законот за јавен долг кој гласи „државни хартии од вредност во име на Република Македонија на меѓународен пазар ги издава Министерството за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија со која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку ДХВ“.

“Владата има функционална надлежност, законско право и легитимност да ја донесе оваа одлука согласно Законот за Влада и неговите последни измени во ноември 2015 гoдина” наведуваат од министерството.