СДСМ - еврообврзница за власта да троши без контрола

СДСМ оценува дека со издавањето на еврообврзницата од 650 милиони евра, власта намерно бега од ИПА фондовите и достапните европски пари за да може парите да ги троши без контрола. Доколку еврообврзницата се издаде јавниот долг ќе достигне 54 проценти од БДП, наведува СДСМ во соопштени. Според опозициската партија одлуката за еврообврзница е криминална во моментот на изгласување бидејќи ребалансот со кој се планира зголемување на сумата на странски задолжувања не беше предложен до Собранието.

Одлуката ќе биде незаконска и по изгласувањето на ребалансот на буџетот бидејќи сумата од 650 милиони евра ја надминува ставката за странски задолжувања и со предлогот на ребалансот, стои во соопштението. Сметаат дека еврообврзницата мора да ја има истата процедура за издавање како и претходната еврообврзница од минатата година. Во спротивно, сметаат од СДСМ, таа ќе биде незаконска и не може да се третира како јавен долг на Македонија.

Владата издаде нова еврообврзница тешка 650 милиони евра. Одлуката за новото задолжување е објавена во Службен весник. Владата задолжувањето ќе го реализира годинава, а парите земјата ќе ги враќа 10 години. Обврзницата ќе биде издадена преку Дојче банк.