Јолевски: Македонија заслужи членство во НАТО

Република Македонија го заслужи местото како полноправен член на НАТО, истакнал министерот за одбрана на Република македонија Зоран Јолевски, на денешните одвоени средби со министрите за одбрана на Турција, Естонија, Италија, и Шведска, на маргините на самитот на НАТО што се одржува во Варшава, Полска.

„Со спроведените реформски зафати, учеството во мировните мисии предводени од Алијансата, потврдената интероперабилност со Армиите на земјите-членки за време на НАТО воената вежба Анаконда, како и фактот дека Македонија и НАТО ги споделуваат истите вредности и цели на глобално ниво, како мирот, демократијата и безбедноста, ние јасно покажавме дека местото на Македонија е во НАТО, порачал Јолевски“, соопшти денеска Министерството за одбрана.

Во текот на утрешниот ден, како што е најавено од Министерството, министерот Јолевски ќе се обрати на состанокот посветен на Платформата за интероперативност, на ниво на министри за одбрана, а ќе оствари и билатерални средби со министрите за одбрана на Унгарија, Латвија, Литванија и Словенија.