Невработеноста во Грција на најниско ниво во последниве години

Стапката на невработеност во Грција во април годинава се намали за два процентни поени на 23,3 отсто, што претставува нејзино најниско ниво во последниве четири години, јави ДПА.

Според податоците на грчката статистичка служба Елстат, во периодот од април 2013 до април годинава стапката на невработеност меѓу младите во Грција се намалила од 59,7 на 47,4 проценти.

Економските аналитичари оценуваат дека намалувањето на стапката на невработеност во Грција се должи на добрите резултати во туристичкиот сектор, но сепак сметаат дека грчката економија ќе продолжи со негативните показатели, во голема мерка и поради прикривањето на приходите.

Податоците на Елстат покажуваат и дека грчкиот внатрешен долг во април годинава пораснал на 5,5 милијарди евра.

Во врска со доцнењето во објавувањето на статистичките податоци за два месеци, Елстат во соопштението посочува дека тоа се должи на „недостигот на вработени, до што дојде поради финансиската криза и мерките за штедење“.