Адеми - кратењето на ИПА фондовите не се санкции

Архивска фотографија - Прес-конференција во врска со статусот на ИПА фондовите.

Не се работи за санкции, ниту за суспензија иако овие инструменти постојат во рацете на Европската комисија, но никој не може да предвиди дали и кога ќе бидат употребени. Тоа што можеме да кажеме од технички аспект е дека термините санкција и суспензија не се соодветни во овој момент, рече денеска вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми во врска со кратењето на ИПА фондовите.

Тој побара од политичарите, особено до оние кои партиципираат во политичкиот дијалог, на сериозен и конструтивен начин да најдат политичко решение на кризата, кое ќе е сеопфатно и одржливо и во согласност со очекувањата на граѓаните и со очекувањата на меѓународни партнери.

Порача дека продолжувањето на политичкиот дијалог за изнаоѓање решение за политичката криза, како и агресивната имплементација на итните реформски приоритети, е одговорност на сите општествени актери и секое одолговлекување и несериозен и неконструктивен пристап ќе има последици врз иднината на Македонија и на граѓаните.