Грција и ЕУ со засилени контроли против шверц на оружје за ИД

Илустрација.

Грчки и европски претставници на силите за безбедност размислуваат за засилување на контролите во Егејско Море и источниот Медитеран заради стравувања дека преку овие води се пренесуваат големи пратки оружје и експлозиви за ќелиите на Исламска држава во Либија, информира весникот „Катимерини“.

При еден ваков случај, на крајот на мај, грчката крајбрежна стража во близина на островот Закинтос за проверка запрела товарен брод, што пловел под знамето на Сиера Леоне.

Три дена претходно бродот го напуштил албанското пристаниште Драч, на пат за Либија. При проверката на рентген апаратите се покажале неспособни да ги проверат 2.700-те тони цемент и бродот продолжил со пловењето кон Либија и покрај тоа што имало сомненија дека превезува огнено оружје за Исламска држава.

При уште една неодамнешна проверка, бил инспектиран брод што пловел под знамето на Того, а тргнал од турското пристаниште Мерсин кон либиското пристаниште Мисрата. До неодамна бродот бил регистриран како сопственост на компанија од Либан, која е под истрага за шверц на оружје.