Препукувања на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за вложувањата во инфраструктурата

„Преку тие претпристапни фондови, Македонија може да гради инфаструктура, меѓутоа поради погрешните политики, тие пари очигледно се повеќе ги губиме“, изјави претседателот на Комисија за транспорт и врски и член на ИО на СДСМ, Благој Бочварски во однос на одлуката н Европската комисија да скрати 27 милиони евра од ИПА фондовите за Македонија.

„Затоа, Социјалдемократскиот сојуз по превземањето на власта ќе ги користи сите овие сретства од Европските фондови. Во овој момент во Република Македонија буџетските сретства се трошат за непродуктивно , така што парите од овие претпристапни фондови остануваат па Европската Унија и ги повлекува назад. Загрижени сме за оваа ситуација, и затоа бараме што поскоро промена на оваа ненародна власт којашто ги упропастува идните генерации и ги упропастува животите на граѓаните“, рече Бочварски.

Со реакција излезе владеачката ВМРО – ДПМНЕ наведувајќи дека опозициската партија повторува исти манипулации, без никакви докази и без никакви споредби.

„Образложението за ваквата безидејност лежи во фактот што во време на владите на СДСМ не е вложен ниту денар во инфраструктурата. Државата и тогаш имаше буџет, но парите на граѓаните се крадеа и инвестираа во приватните сметки на партиските функционери. Затоа СДСМ бегаат и се срамат од каква било споредба на тоа што е изградено во нивно време и инвестициите кои се во тек во моментов“, се вели во реакцијата.

„СДСМ додека беа на власт да не вложија ниту денар во обнова на патната инфраструктура додека во регионот се случуваше инвестициски бум. Наеместо тоа, како резултат на криминалните зделки, оставија целосно уништена патна мрежа од која граѓаните најмногу трпеа.“

„Владата предоведена од ВМРО ДПМНЕ влезе во еден историски циклус во изградба и реконструкција на патната инфраструктура во Република Македонија, инвестирајќи преку 1 милијарда евра. Никој во поновата историјата досега не памети како истовремено се градат 3 нови автопати, 5 нови експресни патишта, како се реконструираат над 200 километри регионални патишта, како се изградија преку 400 локални патишта“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.