Албанија сака во ЕУ и покрај Брегзит

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Брегзит не ја разниша одлуката на Албанија за влез во Европска унија.Тој во интервју за АФП, посочи дека референдумот за Брегзит е „најголем шок за ЕУ“, притоа нагласувајќи го значењето на Унијата за мирот и стабилноста на Балканот. Рама, во интервјуто пред самитот на земјите од Западен Балкан во Париз, ги спомна „тешките прашања“ со кои се соочува Балканот како одбивањето на Белград да ја признае независноста на Косово, македонската политичка криза и ровкоста на Босна и Херцеговина. Тој истакна дека промените во секоја од балканските земји е поврзано со едноставниот факт дека Балканот сака да биде дел од Европа. Албанскиот премиер се осврна и на мигрантската криза, која ја оцени како „срам за цела Европа, вклучувајќи ги државите кои се оградија од овој проблем под изговор дека не се географски погодени“. Албанија е кандидат за членство во ЕУ од средината на 2014 година.