Меѓународна осуда на нападот во Истанбул

Американски официјални претставници оценија дека синоќешниот напад во аеродромот во Истанбул во кој загинаа 36 луѓе, а над 140 биле ранети, имал знаци на таканаречената Исламска држава. „Меѓународниот аеродром Ататурк, исто како и аеродромот во Брисел кој беше нападнат порано годинава е симбол на меѓународната поврзаност и на врските кои не обединуваат“, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ерснст додавајќи: „Остануваме цврсти во поддршката на Турција, нашиот сојузник во НАТО и партнер“. Нападот го осудија светските лидери. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун осудувајќи го нападот ја повика меѓународната заедница да соработува во борбата против тероризмот. Тој изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Турција во последно време е погодена од серија смртоносни напади за кои ги обвинува и курдските бунтовници и милитантите на Исламската држава.