Во нападот во Истанбул убиени најмалку 36 луѓе

Најмалку 36 луѓе биле убиени, а 147 ранети во самоубуствениот напад во главниот меѓународен аеродром во Истанбул. Премиерот на Турција Бинали Јидирлим изјави дека нападот го извршиле тројца самоубијци и оти сето укажува дека станува збор за милитанти на Исламската држава. Тој прецизира дека напаѓачите со такси пристигнале на аеродромот „Ататурк“ и оти го активирале експлозивот на влезот и тоа откако претходно почнале да пукаат. Еден од напаѓачите со автоматска пушка, според очевидци, пред да се разнесе пукал врз патниците. Сведоци исто така наведуваат дека три силни експлозии го потресле аеродромот, предизвикувајќи паника меѓу патниците и уривање на покривот. Премиерот Јидирлим изјави дека нападот уследил по успехот на Турција во борбата против тероризмот и во време кога се обидува да ги нормализира односите со Русија и Израел. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди нападот на аердоромот во Истанбул кој се случи во текот на светиот муслимански месец Рамазан, наведувајќи дека тоа покажува оти „терористичките удари не земаат предвид вера и вредности“. Ердоган ја повика меѓународната заедница да биде цврста во борбата против тероризмот.