Би Би Си: Британија гласаше за излегување од ЕУ

Приврзаниците за излегување на Британија од Европската унија победија на референдумот што се одржа вчера, соопшти изутрината Би Би Си откако беа преброени повеќе од 90 насто од гласовите. Оние што се за излегување имаат над 15 милиони и 700 илјади гласови, односно 52 насто, додека таборот за останување доби над 14 ипол милиони, односно 48 проценти од гласовите. Неочекуваната победа на приврзаниците ги изненади берзите кои бележат голем пад. Британската фунта падна на најниско ниво од 1985 година. Една фунта се менува за 1,33 долари. По завршувањето на референдумот таа се менуваше за 1,5 долари. Првиот министер на Шкотска Никола Старгеон изјави дека Шкотска јасно ставила до знаење дека својата иднина ја гледа како дел од Европската унија.