Уапсени обвинети за тероризам во Брисел

Белгиската полиција синоќа уапси 12 луѓе кои се обвинети за планирање на нови терористички напади. Белгиското обвинителство соопшти дека 40 луѓе биле приведени за сослушување и дека 12 биле уапсени. Извршени се претреси во куќи и гаражи во 16 општини, повеќето во Брисел и неговата околина.

Потврдено е дека во текот на операцијата немало никакви инциденти и не се откриени оружје и експлозивни направи, а дополнителни детали не се соопштуваат. Многу европски држави се во состојба на готовност поради фудбалскиот шампионат кој се оддржува во Франција.

Белгискиот јавен дифузер јавува дека дел од уапсените планирале да изведат терористички напад во Брисел овој викенд. Во март годинава загинаа 32 лица при терористички напади кои беа извршени на аеродромот и две метро станици во Брисел.