Апелација го врати „Пуч“ на повторно судење

Случајот „Пуч“ повторно се враќа во судница со поништувањето на аболицијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

Апелациониот суд донесе решение со кое жалбата на четворицата обвиниети во случајот, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, против решението на судијата за запирање на постапката за предметот се уважува и тој повторно ќе биде вратен на понатамошно постапување.

„Второстепениот суд утврдил дека Кривичниот суд не ги повредил одредбите од кривичното материјално и процесно право кога донел решение за запирање на постапката за конкретниот предмет, бидејќи во времето на донесување на решението во правниот поредок егизистирала Одлуката на Претседателот на Р.М. за помилување – ослободување од понатамошно гонење без спроведување на постапка за обвинетите.“

„Но, имајќи во предвид дека со повлекување на аболицијата односно Одлуката на Претседателот на Р.М. за помилување – ослободување од понатамошно гонење, се поништуваат и правните последици кои настанале со донесување на Одлуката и се воспоставуаат правните односи и состојби кои постоеле пред донесување на овој акт, Второстепениот суд постапувајќи по службена должност утврдил дека жалбата е основана и предметот се враќа на понатамошно постапување во Првостепениот суд“, се вели во соопштението.