Вицепремиерот Ставрески поднесе оставка

Зоран Ставрески поради здравствени причини поднесе оставка од функцијата вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија.

„Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија", истакна Зоран Ставрески.

Тој е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии.

На позицијата нов министер за финансии премиерот Димитриев ќе го предложи актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски.

Се очекува утре Собранието на Република Македонија да расправа и да ја констатира оставката, по што ќе биде именуван новиот министер.