Иранските безбедносни сили убија пет курдски бунтовници

Припаднички на ПЈАК.

Иранската елитна Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека убила пет курдски бунтовници во близина на границата со Ирак.

Во днешно соопштение ИРГЦ вели дека петтемина членови на Партијата на слободен живот на Курдистан (ПЈАК) биле одговорни за убиство на тројца припадници на иранската милиција „Басиџ“, пред повеќе од еден месец.

„Тимот на петте терористи на ПЈАК е идентификуван и уништен во регионот Сардашт на ирачката граница“, се вели во соопштението на ИРГЦ.

Други детали за инцидентот не се соопштени.

ПЈАК е иранско – курдска партија во Ирак поврзана со Курдската работничка партија ПКК.

Нејзините членови често се вклучуваат во борби со иранските сили по должината на ирачко – иранската граница.