Стопанска комора и МЖ бараат деблокада на пристаништето во Солун

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и генералниот директор на Македонски железници – Транспорт, Никола Костов испратија ургентен допис до повеќе грчки институции и до евроамбасадорот во земјава Аиво Орав за нивно соодветно вклучување за итно разрешување на состојбата со блокадите во Солунското пристаниште.

Како што соопшти денеска извршниот директор на Комората, Јелисавета Георгиева, од штрајкот на пристанишните работници во Солун, но и на железничарите, штети трпи целото македонско стопанство.

Според најавите од грчка страна, рече Георгиева, се очекува блокадите да завршат утре и пристаништето да почне со нормална работа од среда.

Македонските компании бараат алтернатива, главно преку Бургас и Варна на Црно Море, преку Драч, како и преку Бар и Риека каде веќе е пренасочен дел од стоката, но ваквите опции се три пати поскапи.

„И во овој момент, додека трае оваа прес-конференција, голема е неизвесноста околу блокадите на Солунското пристаниште поради штрајкот. Нашите членки, вкупно 650, кои беа анкетирани, се децидни дека ваквата состојба предизвикува огромни штети врз целото стопанство“, истакна Ѓеоргиева.

Засега директните штети на МЖ Транспорт од блокадите на пругата Скопје - Солун, како и од нефункционирањето на Солунското пристаниште се проценуваат на околу три милиони евра. Но, претпријатието брои и индиректни штети, од нереализираните договори.

Македонски железници од 20 март до денеска се тотално блокирани.

На Солунското пристаниште за утовар и истовар засега чекаат 25 бродови, а околу 70 до 80 проценти од македонската трговија се реализира токму преку Солунското пристаниште.