На собраниска седница предлогот за импичмент на Иванов

Собранието на Македонија денеска ќе ја одржи 105 седница на која ќе расправа по предлогот на опозицијата за покренување постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Република Македонија. Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на претседателот, треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија. Предлогот за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов првично беше разгледан и оценет како неоснован од страна на членовите на собраниската Комисија за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија. Минатиот понеделник, Комисијата со шест гласа „за“ и четири „против“ оцени дека предлогот за импичмент е неоснован. Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив. Потоа на 6 јуни, Иванов ги поништи и останатите одлуки за помилување.