ЕП: критики за одземениот имунитет на турски пратеници

Во синоќешната дебата во Стразбур, Европскиот парламент на пленарната сесија силно ја критикуваше одлуката на турскиот парламент за укинување на имунитетот од судско гонење на 138 негови членови, јавува МИА.

Во дебата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, оваа одлука беше опишана како обид од страна на претседателот Турција Реџеп Таип Ердоган да се замолчи опозицијата и да се стекне со поголеми овластувања. Оваа одлука, според европратениците, го поткопува владеењето на правото и слободата на изразување и може да им наштети на односите меѓу ЕУ и Турција.

Комесарот Хан истакна дека ЕУ покажала подготвеност повторно да го активира својот ангажман со Турција и да и пружи на оваа земја политичка и финансиска поддршка. - Но, ова не е еднонасочна улица и постојат сериозни пречки кои влијаат врз владеењето на правото и слободата на изразување во Турција, додаде тој.