Лажна дојава за бомба во авион на „Иџиптер“

Патнички авион на „Иџиптер“ којшто летал од Каиро до Пекинг, принудно слета во Узбекистан поради закана за поставена бомба.

Египетските власти денеска соопштија дека авионот „Ербас А-330-220“ со 135 патници, беше евакуиран и пребаран по слетувањето во узбекистанскиот град Ургенч, околу 840 километри од Ташкент.

Властите велат дека компанијата „Иџиптер“ добила анонимен повик дека во авионот има поставено бомба. Не биле пронајдени експлозиви, а авионот подоцна го продолжил летот кон Пекинг.

Египетската авиокомпанија добива голем број на закани за бомби, откако нејзин авион на 19 мај се урна во Средоземното Море при што загинаа 66 луѓе.