Милош Земан во посета на Македонија

Средба на претседателот Ѓорѓе Иванов со неговиот чешки колега Милош Земан.

Чешкиот претседател Милош Земан в четврток ќе ја посети Македонија и ќе биде примен од неговиот колега Ѓорѓе Иванов. Според најавите, една од темите на кои ќе разговараат двајцата претседатели ќе биде миграциската криза. Македонија како што е познато, е дел од балканската рута на мигрантите од Африка и Азија на нивниот пат кон земјите на Европската Унија. Чешка во екот на кризата испрати неколку десетици полицајци како помош за Македонија на граница со Грција.

"По заедничката средба, Земан би требало да добие македонско државно одликување. Иванов за возврат чешко одликување нема да добие", изјави портпаролот на шефот на чешката држава Јиржи Овчачек, пренесе чешката новинска агенција ЧТК.

Милош Земан при посетата на Македонија, ќе присуствува и на чешко-македонскиот бизнис семинар и ќе го посети манастирот Св. Наум во Охрид.