Бејли: Договорот од Пржино е жив

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли за Дојче веле изјави дека „Договорот од Пржино е жив“.

Тој истакнува дека фундаменталните елементи на договорот: одговорноста за скандалот со прислушквањето, инклузивниот политички процес во Собранието и реформите кои водат кон веродостојни избори, како што вели, се најдобриот начин за излез од сегашната политичка криза и за интеграцијата во ЕУ и НАТО.

„Никој не кажал дека спроведувањето на договорот ќе биде лесно. Навистина имаше многу одложувања и опструкции. Сепак, една година подоцна СЈО ги истражува прислушуваните разговори и наводите за сериозни злоупотреби кои произлегуваат од тие разговори. Се основаше понезависна ДИК, и се воведоа реформи во Изборниот законик. Многумина ми велат дека сега граѓаните се поистрајни во барањето лидерите да ги исполнат своите обврски кои произлегуваат од Пржинскиот договор“, истакна Бејли.

Но, тој посочува дека останува многу работа:

„Аболицијата треба да се повлече јасно и сеопфатно. Специјалната јавна обвинителка мора да биде во состојба да ја изврши својата работа без опструкции и мешање. Владата мора да покаже посветеност кон плуралистичка демократија и спроведување на реформите од пржинскиот Договор. Тоа значи дела, а не зборови. Тоа значи вклучување на опозицијата, на ставот на цивилното општество, и воведување вистински систем на проверки и рамнотежа во владините структури. Без одговорност, без реформи и без веродостојни избори, Македонија ќе остане заглавена во кризата, со нарушен углед. Никој не го посакува тоа“, вели амбасадорот.