Орав: Селективната правда и помилувањата не се прифатливи

Архивска фотографија.

Селективната правда и помилувањата не се прифатливи за ЕУ, порачаа денеска евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на Холандија, Вутер Пломп, чијашто земја претседава со Европската унија.

„Ако една земја сака да остане демократска и модерна, да се развива економски, од клучно значење е справувањето со корупцијата, особено во високите нивоа. Сведоци сме на единствена исклучителна политичка конфузија со одлуките кои се носат во последно време. Оваа конфузија за жал продолжува и понатаму. Европската унија јасно изјави дека селективната правда и помилувањата не се прифатливи. ЕУ заедно со другите меѓународни фактори ја нагласува важноста на СЈО и улогата на правосудството“, рече Орав.

Тој упати апел да престане опструирањето на работотата на СЈО.

„Ги повикуваме сите страни да престанат со попречување на работата на СЈО. Ги повикуваме да не се опструира работата на специјалните обвинители. Единствено така владеењето на правото ќе биде осигурано и ќе има правда“, изјави амбасадорот Орав.

Холандскиот амбасадор Пломп истакна дека Холандија навистина ја поддржува демократизацијата и борбата за владеење на правото, која го поздразбира и принципот на еднаквост на сите пред законот.

„Холандија придава голема важност за владеењето на правото и активно придонесува за подобрување во оваа област во Македонија. Политичката волја е клучен предуслов за тоа. Она што сега е важно е сите засегнати страни да го почитуваат владеењето на правото, а тоа значи поддршка на работата на СЈО и сеопфатно повлекување на помилувањето за сите лица што ги помилува претседателот“, рече амбасадорот Пломп.