Димитриев: Одложувањето на изборите ја пролонгира кризата

Сите обврски за спроведување на предвремените парламентарни избори и на 24 април и на 5 јуни се реализирани, но поради исходот од политичките разговори на двапати имавме одлагање на изборите и пролонгирање на политичката криза која има негативни ефекти во функционирањето на државата, истакна премиерот Емил Димитриев коментирајќи го одложувањето на изборите.

„Новата реалност во ситуација е да се посветиме силно на реализација на програмата на Владата, на реформите и на крупните проекти од различни области - инфраструктура, земјоделство, здравство и паралелно со тоа да течат политичките разговори меѓу политичките партии за да се утврди нов термин за одржување на избори“, рече Димитриев по координативниот работен состанок во Владата на тема „Акциски план за реализација на итните реформски приоритети“.

Димитриев додаде дека смета дека претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов имал добра намера кога го носел актот за аболиција, но поради наелектризираната политичка состојба ефектот од актот бил таков што претседателот морал да го поништи.

„По носењето на аболицијата целиот предмет се стави во политички контекст при што главен акцент се даде на политичарите кои беа дел од овој акт. Со поништувањето на аболицијата за политичарите сметам дека има простор за смирување на страстите, а за останатите постои законско решение со кое по нивно барање може да биде повлечена аболицијата“, изјави Димитриев.

Димитриев потенцира дека има законска форма за поништување на лично барање и на аболицијата за останатите аболирани лица.

„Од функционален аспектне гледам проблем целосно да профункционира поништувањето на аболицијата и сметам дека втората одлука е добро правно осмислена за на некој начин секој да може да се откаже од аболицијата. Политичарите се деаболирани, а за останатиот дел постои законско решение на нивно барање да можат да бидат деаболирани“, прецизира Димитриев