Иранскиот парламент денеска ќе положи заклетва

Новиот ирански парламент денеска ќе поднесе заклетва. Во неговиот состав има свежи реформски сили чии пратеници се очекува да ги поддржат напорите на претседателот Хасан Рохани да ја модернизира иранската економија и социјална политика. Со нивната победа се заврши 12 годишната доминација на цврстото конзервативно крило во иранскиот парламент кој има 290 места.

Аналитичарите сметаат дека префрлувањето на моќта ќе и помогне на агендата на Рохани за зголемување на личната слобода и поголеми права на жените. Рекорден број, односно 18 жени добија места во парламентот на изборите кои се одржаа во февруари и во април.

Гласањето беше прв политички тест за Рохани по постигнувањето на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили минатата година. Претседателот кој беше избран во 2013 година сака да ја подобри економската ситуација пред следните претседателски избори во 2017 година на кој Рохани се очекува да побара реизбор.