Чавушоглу: САД покажуваат дволичност

САД покажуваат дволичност штом сириските курдски Сили за заштита на народот (СЗН) не ги сметаат за терористичка организација, изјави денеска шефот на турската дипломатијата Мевљут Чавушоглу.

Тој посочи дека е „неприфатливо“ американските војници да носат симболи на СЗН на своите униформи.

„Војници на земја која се претставува за сојузник на Турција и покажува подготвеност за борба против тероризмот, не може на своите униформи да носат симболи на терористичка организација. Тоа е неприфатливо“, истакна турскиот министер за надворешни работи.

Чавушоглу зборуваше на прес-конференција во турското летувалиште Анталија, во кое се одржа самит на ОН на најслабо развиените земји.

Анкара смета дека курдските Сили за заштита на народот се сириска филијала на Курдската работничка партија (ПКК), која во Турција е прогласена за терористичка организација.