И Заев стана „хулиган“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев со боја кон Министерството за правда

Раководството на СДСМ гаѓаше со балони со боја кон Министерството за правда во знак на солидарност со демонстрантите што се повикуваат во полиција. Демонстрантите го обоија и Собранието, положија цвеќе за Денот на младоста, а почна и кампањата „Се пријавувам, и јас сум хулиган/ка“.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска излезе на протестите на Шарената револуција во Скопје и гаѓаше со балони со боја кон Министерството за правда. Му се придружија и заменик претседателката Радмила Шеќеринска и партискиот портпарол Петре Шилегов. А балони со боја кон Министерството гаѓаше и претседателот на ПЕИ Фијат Цаноски. Заев рече дека ова го прави во знак на солидарност со демонстрантите што полицијата и ги апси и повикува на информативен разговор поради учеството во протестите.

„Нека го казнат Зоран Заев, Фијат Цаноски, Билјана, самка, сите што не гледате тука како претседатели на партиите и сите овие граѓани кои се потписници, а се илјадници на број, не може да не казнат сите, не може да не запрат“, рече Заев.

Протестите потоа продолжија пред Собранието, каде што, со веќе препознатливиот голем чатал, демонстрантите го гаѓаа законодавниот дом. Првиот балон со боја кон Парламентот го фрли професор Мирјана Најчевска, која утринава беше повикана на информативен разговор во полициската станица Беко, токму поради фрлањето со боја. Наместо неа, на разговорот отиде нејзиниот адвокат, а таа истури боја и на влезот на полициската станица.

„Ниту со една нога не сме влегле во 21 век. Се работи за тоа дека сме заробени во овој ќенеф, а не убедуваат дека е палата од соништата. Ни ја уништија сегашноста, ни ја заробија иднината, доста беше. Не одиме ниту чекор наназад и не ви се плашиме“, рече Најчевска во својот говор пред Собранието.

На демонстрантите им се обрати и активистката Ирена Стеријовска, која утринава исто така беше повикана на информативен разговор во полиција.

„Шарената револуција обележувала и ќе обележува сè што е грешка во овој систем“, порача Стеријовска.

Претходно, по повод 25 мај, кој во поранешна Југославија се славеше како Ден на младоста и роденден на Јосип Броз Тито, демонстрантите положија цвеќе пред неговиот споменик пред истоимената гимназија во центарот на Скопје. На патот кон Собрание дел од демонстрантите испишуваа пораки на асфалтот, како „Готов си“, Вас повеќе ќе ве боли“, „Расчистивме со Вас“. Демонстрантите извикуваа „Оставка, оставка“, „Мафија на робија“, а скандираа и „Шутка не ти бега Никола“.

Граѓани протестираат пред Специјалното обвинителство.

Протестите, како и вообичаено, почнаа во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, за поддршка на оваа институција. Таму почна кампањата „Се пријавувам, и јас сум хулиган/ка“, каде што граѓаните самите потпишуваа признание дека фрлале со боја.

„На интернет ќе бидат достапни два документи преку Шарената револуција, едниот е полномошно за адвокат, за правен застапник, а другото е изјава којашто секој што сака ќе ја потпише и со тоа ќе изјави дека е дел од Шарената револуција и дека своето мислење и револт го изразува преку боење на симболите на овој криминален режим“, рече Павле Богоевски од Хелсиншкиот комитет на Македонија.

Демонстрантите меѓу другото бараат укинување на политичките помилувања, оставка од претседателот Ѓорге Иванов и формирање техничка влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори.