СДММ го обвини ВМРО-ДПМНЕ за лошите услови во студенските домови

Социјалдемократската младина на Македонија денеска обвини дека условите во студенските домови се лоши и оти образовниот процес е доведен на најниско ниво.

Потпретседателот на СДММ, Дарко Каевски рече дека условите во кои живеат студентите во студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу” и „Стив Наумов“ се лоши и оти за тоа се виновни владините политики.

Тој обвини дека власта на ВМРО-ДПМНЕ за изминатите 10 години не изградила ниту еден студенски дом, а наместо тоа инвестирала во непродуктивни трошоци.

„Над 626 илјади се иселени од земјава, пред се млади, образовани луѓе. 58 проценти од младите во земјава се навработени, а студентите во студентските домови се соочуваат во вистинска голгота“, изјави Каевски пред студенскиот дом „Кузман Јосифовски - Питу“.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција наведувајќи дека партијата има конкретна стратегија за унапредувањето на студентскиот стандард.

„Ниту една прес конференција и прикажување на стари фотографии за условите во домовите, не може да го побие фактот дека Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ е единствената која изградила нови современи сместувачки капацитети, во состав на студентскиот дом „Стив Наумов“, за што се издвоени 103 милиони денари.“

ВМРО-ДПМНЕ наведува дека е започна и темелна реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“ која се реализира етапно и во согласност со предвидената динамика, а планирано е да се изврши и комплетна замена на инвентарот, за што, во тек е постапка за избор на компанија, со рок за доставување на понудите до 30 мај.

Во реакцијата се истакнува дека е извршена и набавка на нови лифтови во државните студентски домови за што се инвестирани 15 милиони денари, а интензивни се и подготовките за набавка на перални и сушални за домовите.

„Најважно е што донесовме одлука за изградба на три целосно нови студентски домови во земјата. И ова наше ветување почнува да се остварува. За два од нив, во вредност од 5 милиони евра - еден во Скопје на местото на Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет, во тек е евалуација на пристигнатите понуди, по што ќе се направи избор на најповолните понудувачи, односно идни изведувачи на градежните работи. Така што, во текот на ова лето ќе започнат и активностите на терен“, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на студенскиот стандард, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека се отворени два нови државни универзитети, 25 нови факултети, неколкукратно се намалените партиципации за студирање.