Казахстан задушува протести, уапсени новинари и активисти

Десетици новинари, активисти и демонстранти уапси казахстанската полиција во пресрет на антивладините протести против приватизација на големо обработливо земјиште. Неколку новинари беа уапсени во главниот град Астана, но имаше апсења и во други градови.

Десетици активисти и луѓе кои биле затекнати на плоштадите или по улиците во близина на градските плоштади, исто така, се уапсени од страна на полицијата.

Дел од новинарите, меѓу кои и од Казахстанскиот сервис на Радио Слободна Европа и од Интерфакс изјавија дека биле ослободени откако неколку часа биле задржани од страна на полицијата.

Освен тоа од вчера е блокиран и пристапот до интернет страницата на Казахстанскиот сервис на РСЕ, како и профилите на сервисот на Фејсбук и на јутуб.

Демонстрациите избувнаа на почетокот од овој месец, а во последниве денови, десетици активисти се приведени и казнети со по 10 до 15 дена затвор за планирање непријавен јавен собир.