Хан: Косовската опозиција да се обедини околу европската платформа

Архивска фотографија.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска е во посета на Приштина при што ги повика лидерите на косовската опозиција да се обединат околу европската платформа на Косово потенцирајќи дека тоа е национален интерес на граѓаните на Косово.

„Би сакал да ги повикам лидерите на опозицијата да се обединат околу таа европска платформа. Таа би требала да го опфати и цивилното општество за европска интеграција, рече Хан. Тој истакна и дека прашањето за разграничување со Црна Гора треба да биде што е можно поскоро решено во корист на двете европски земји.

Осврнувајќи се на неодамна парафираната Спогодба за стабилизација и асоцијација меѓу Косово и ЕУ, Хан изјави дека тој договор е историски и оти ќе ги зацврсти односите меѓу Брисел и Приштина.

„ССА е договор кој го поврзува Косово со ЕУ. Мошне е важно да имаме договор, бидејќи тоа создава економски развој“, рече еврокомесарот и додаде дека таа спогодба отвара економски перспективи и нови работни места.

Од Приштина, Хан попладнево ќе замине за Белград, каде ќе се сретне со српсиот премиер Александар Вучиќ.