Македонија за два месеци во Грција вратила над 11 илјади мигранти

Во период од два месеци, од 8 март кога земјите членки на Европската Унија ја затворија западно-балканската рута, до 12 мај 2016 година спречен е обид за илегален влез во Македонија на 11.803 мигранти, соопшти МВР за турската новинска агенција Анадолија.

„Откриени се вкупно 11.803 мигранти, сите на влез во Република Македонија при илегален обид за преминување на македонско-грчката граница, и тие се вратени во Република Грција. Секој обид за нелегален влез во Република Македонија е спречен од полициските и армиските службеници заедно со странските полициски службеници распоредени долж граничната линија“, вели за агенцијата начаникот за секторот за односи со јавност при МВР, Наталија Спирова Кордиќ.

Таа информира дека во периодот од 1 јануари до 11 мај 2016 година, откриени се вкупно 19 кривични дела „криумчарење на мигранти“, за што против 23 лица се поднесени кривични пријави, кои се обиделе да прокриумчарат вкупно 319 мигранти.