„ЕЛЕМ“ ќе инвестира 64,5 милиони евра во рудрска механизација за РЕК Битола

АД „Електрани на Македонија“ почна постапки за јавна набавка на нова рударска механизација за потребите на јагленокопите во РЕК Битола.

Како што соопштија од компанијата, станува збор за современа опрема која ќе биде насочена кон целосно отворање на капацитетите на новиот рудник Подинска јагленова серија во Суводол, како и за континуирана и самостојна работа на постојните површински рудници Суводол и Брод Гнеотино.

Финансиската рамка на овој проект е 64,5 милиони евра, од кои дел се сопствено учество на АД ЕЛЕМ, додека дел се заем од германската Дојче Банка.

Во набавката е вклучена најразновидна рударска опрема која ќе овозможи на РЕК Битола ископ на јаглен и јаловина, како и непречена и ефикасна работа во следните 15 до 20 години.

Новата рударска опрема што се набавува врз основа на изработената технолошко – економска анализа се однесува на ископ на јаглен и јаловина во континуиран режим, а е предвидена и набавка на механизација за ископ и транспорт која ќе се користи за дисконтинуиран дотур на јаглен.

Предмет на оваа инвестиција, појаснуваат од компанијата, меѓу другото е набавката на транспортер (бандваген), транспортен систем за јаловина, мобилна телескопска разделна станица, примарна дробилка за јаглен, 15 хидраулични багери со различна моќност, 12 булдожери со различен капацитет, 28 камиони дампери со носивост поголема од 40 тони и грејдер. Исто така, рудниците ќе бидат засилени со шест автодигалки со различна носивост, цистерни за вода и цистерна за гориво. Набавката предвидува и дополнителна логистичка инфраструктура потребна за техничко одржување на механизацијата.

„Реализацијата на овој комплексен инвестициски зафат ќе значи намалување на трошоците при ископ на јаглен и јаловина од трите рудници во кругот на РЕК Битола, и целосна независност во процесите на ископ на јаловина и производство и транспорт на јагленот за потребите на термоелектраните“, информират од АД „ЕЛЕМ“.

По потпишување на Договорите со изведувачите, предвидената опрема се очекува етапно да пристигнува во наредните 12 до 24 месеци. По целосното комплетирање на овој инвестициски зафат, целосните процеси на ископ и транспорт на јагленот до термоелектраните „Битола“, Компанијата ќе го реализира со сопствена опрема без ангажирање надворешни фирми