Протест и контра-протест во Бања Лука

Денеска во Бања Лука ќе бидат одржани протести на опозицијата и на власта. На плоштадот „Младен Стојановиќ“ на пладне ќе почне собирот „Да ја ослободиме Српска“ во организација на опозициските партии од Република Српска. На нешто повеќе од еден километар, на плоштадот Краина во центарот на градот во истото време почнува митингот „Со срце за Српска- стоп за предавството“, како одговор на протестот на опозицијата, од страна на владејачките партии.

Ситуацијата во градот претпладнето е мирна, а организаторите на двата протеста ги вршат последните подготовки. Автобуси со приврзаници на опозицијата и на владејачката коалиција уште во текот на ноќта тргнале од одредените локации. Во сите делови на Бања Лука зголемено е присуството на полицијата, која се распоредува на клучните пунктови. Посебни подготовки се прават за да се обезбеди тампон зона меѓу приврзаниците на опозицијата и на власта.