Русија и САД ги зголемуваат напорите за примирје во Сирија

Русија и САД се согласија да ги удвојат нивните напори за наоѓање на политичко решение за сирискиот конфликт и да се прошири примирјето низ целата земја.

„Одлучивме да ја потврдиме нашата посветеност на прекинот на огнот во Сирија и да ги интензивираме напорите за негова имплементација на национално ниво“ рекоа двете страни во заедничка изјава дадена денеска.

Изјавата доаѓа откако претставниците од Европската Унија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Јордан и Турција се сретнаа во Париз на состанок на којприсуствува и претставникот на сириската опозициска коалиција поддржана од Западот, Ријад Хиџаб во обид за повторно активирање на сирискиот мировен процес.

Мировните преговори, со посредство на ОН во Женева, меѓу делегатите на сириската Влада и претставниците од бунтовничките групи пропаднаа минатиот месец без значителен напредок.

Ќор-сокакот доаѓа во услови на зголемено насилство во најголемиот сириски град Алепо.