ВМРО-ДПМНЕ: Манипулации се тврдењата на СДСМ за „Диво насеље“

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешното соопштение на опозициската СДСМ за минатогодишните настани во кумановско „Диво Насеље“ оценува дека СДСМ продолжува со срамни манипулации и оти од таа партија ниту лани, ниту годинава не собрале храброст да изразат достојна почит кон македонските бранители.

„Срамните манипулации на СДСМ дека „ќе се дознаела вистината“ продолжуваат и понатаму, исто како што СДСМ во напад на безумна некрофилија редовно злоупотребува трагични настани и човечки судбини во политичка конотација. Срамот СДСМ ќе го носи засекогаш, а казната доаѓала и ќе доаѓа од граѓаните кои се срамат од ваквото однесување на СДСМ“, истакнува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Заев и Спасовски, се вели во реакцијата, неколку часа откако во Диво Насеље гинеа македонските бранители, додека цела Македонија беше во црно, побрзаа да се смешкаат и да позираат како недоветни, сликајќи се на местото каде своите животи ги положија хероите.

„Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов акцијата на безбедносните сили во која гинеа македонските бранители подбивно ја нарекуваше „играње камај“, а новинарските перјаници на СДСМ подгреваа етничка омраза со лаги и манупулации за измислени цивилни жртви. Ова е СДСМ и граѓаните тоа јасно го видоа по којзнае кој пат. Дури и една година подоцна реториката на СДСМ не е променета“,соопштува ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, партиски активисти на СДСМ секојдневно ги омаловажуваат безбедносните сили, а Оливер Спасовски не присуствувал на постхумното одликување на загинатите бранители.

Инаку опозициската СДСМ во денешното соопштение наведува дека јавноста ќе ја дознае вистината за настаните што се случија пред една година во кумановско „Диво насеље“ и оти инволвираните и виновните ќе понесат одговорност.

СДСМ во соопштението прашува „чие дело се настаните во кумановско „Диво насеље“ и зошто Владата лани не ја спречила терористичко – криминалната група. Истакнува дека семејствата на осумтемината загинати припадници на безбедносните сили и жителите што останаа без домови ја очекуваат вистината.“

„СДСМ ги споделува со граѓаните тагата, болката, револтот што ги оживува денешниот 9 мај и порачуваме дека јавноста ќе ја дознае вистината, а инволвираните и виновните ќе понесат одговорност“, се вели во соопштението од СДСМ.