Кери пристигна во Париз на разговори за Сирија

Архивска фотографија.

Американскиот државен секретар Џон Кери пристигна во Париз на разговори за конфликтот во Сирија.

Претставници од Европската Унија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Јордан и Турција исто така се очекува денеска да пристигнат во францускиот главен град, на состанок на кој ќе присуствува и претставникот на сириската опозициска коалиција поддржана од Западот, во обид за повторно активирање на сирискиот мировен процес.

Кери денеска ќе одржи состанок со францускиот министер за надворешни работи Жан Марк Еро, пред утрешните разговори со германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер. Кери потоа ќе замине во Велика Британија.

Мировните преговори, со посредство на ОН во Женева, меѓу делегатите на сириската Влада и претставниците од бунтовничките групи, се распадна минатиот месец без значителен напредок.

Ќор-сокакот доаѓа во услови на зголемено насилство во најголемиот сириски град Алепо.